Др. Митов: Крвта од излекуваните, можен лек против коронавирус


Д-р Александар Митов е магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето, кој дипломирал медицина на Медицинскиот факултет во Скопје како првенец на генeрацијата, со просек 9,9 пишува дека крвта од излекуваните, можен лек против коронавирус.

„Пред само неколку денови Американската агенција за храна и лекови (FDA) официјално ја одобри употребата на крвна плазма од веќе излечените пациенти од Covid-19, како третман за инфицираните од вирусот кои се во критична состојба. Секако, по индивидуална одлука на докторот, инфектолог кој непосредно го следи случајот на критичниот пациент.

Користењето на ваквиот метод на лечење не е сосема непознат. Низ историјата тој се користел повеќе пати. На пример при епидемиите со полио, заушки, сипаници, шпански грип, како и при неодамнешните епидемии со корона вируси (SARS, MERS) кои исто така предизвикуваат респираторни инфекции.

На кој начин може ваквата крвна плазмата да помогне кај пациентите со Covid-19?

Крвната плазма e жолтата течност која е дел од крвта и содржи суспендирани крвни клетки. Таа кај луѓето кои веќе целосно се опоравиле од ова заболување би требало да содржи поголема содржина на антитела кои имаат висока специфичност токму кон новиот корона вирус. На овој начин, ваквата плазма може да биде од помош за ефективен третман на инфицираните лица со Covid-19. Во суштина, доколку телото ги добие неопходните, спрецифични антитела кои делуваат на новиот корона вирус, тоа би требало да стимулира борба со короната која би била со прилично висока ефикасност.

Крвните плазми на опоравени пациенти од респираторни инфекции со H1N1 инфлуенцата (свински грип), како и со корона вирусите SARS и MERS веќе биле испитувани во минатото и покажале ефективност. За жал, ваква успешна ефективност не била утврдена кај сите инфицирани испитаници.

Веќе има студија која укажува на позитивни ефекти од лекувањето на Covid-19 со ваква крвна плазма

Оваа кинеска студија го потврдуваат позитивниот ефект од крвната плазма на веќе излекувани пациенти во третманот на критично болните од Covid-19.

При испитувањето на делувањето на ваквата крвна плазма кај 5 критично болни пациенти со Covid-19, (кои имале акутен респираторен дистрес синдром и биле ставени на респиратори) се добиени интересни резултати. Имено, ова истражување спроведено во Шенжен, Кина покажало подобрување во клиничката слика на испитуваните пациенти, во однос на контролната група, односно групата која не била третирана со крвна плазма.

Но, бројот на испитнувани пациенти и недостатокот од повеќе студии на тематиката претставува сериозен недостаток. Заради овие причини сè уште не е можна поширока одобрена употреба на ваквиот третман. Моментално, особено во САД во тек се систематични истражувања на темата, бидејќи нивниот здравствен систем, во недостаток на вакцини и лекови, во крвната плазма гледа некаква солидна прилика за третман.

Како се дефинираат критичните случаи? За критични се сметаат оние пациенти со диспнеа, односно недостаток од здив, заситеност на крвта со кислород под 93% и соодветни други медицински назнаки. Всушност, за критични се сметаат оние пациенти со критични респираторни тешкотии, кои се во септички шок или имаат дисфункција или откажување на еден или повеќе органи.

Koj ќе може да донира крвна плазма?

Позитивно е што донирањето крвна плазма е слично како и донирањето на ,,цела” крв. По донирањето на крвта, со спицијализирана машина од неа се одвојуваат црвените крвни клетки, кои потоа можат и да се вратат на донорот. Но, негативното е што донорите и примателите, како и при трансферирањето на донираната крв, треба да имаат ист тип на крвна група.

Крвна плазма ќе можат да донираат веќе излекуваните пациенти од Covid-19. Притоа, тие треба да ги исполнуваат општите услови за донирање на крв. Освен освен овие општи услови, веќе излекуваните пациенти не треба да немаат никакви симптоми на новиот корона вирус најмалку 2 недели и треба да имаат најмалку еден негативен тест на Covid-19“ пишува Др.Митев.

Извор: Д-р Митов

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.03.2020 - 12:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега