Драган Спасов Дац: Универзална сала е стара лименка во која налето е пекол, а во зима е мразарник

По објавата на Град СКопје дека Универзалната сала ќе се руши и на нејзино место ќе се изгради летна бина, се огласи и актерот Драган Спасов Дац.

„На сликата не е Универзална сала, туку нејзиниот двојник, Софијскиот цируз, изграден во 1962 година, а изгорел во 1983.

Нашата Универзална е подарок по земјотресот во Скопје.

Со овој објект ме врзуваат многу спомени, прво како гледач уште од најраната моја возраст кога ме носеа на проекции на цртани филмови, потоа одев на разни приредби согласно со мојата возраст, потоа на концерти, свечености, напиша на Фејсбук“, актерот Драган Спасов Дац.

„Потоа од публиката се преселив на сцената како актер, водител, пеач, режисер.
Универзална ме чекаше секогаш кога ќе дојдам, дали во публиката или на сцената, и секогаш без исклучок сум се чувствувал пријатно во неа. Ги сакам дури и гардеробите во кои тешко е да се свртиш со некој пораскошен костим. А до гардеробите се оди по едни тесни скали кои не можат да се користат за време на некој настан, затоа што додека се симнеш од нив, отиде твојот дел. Затоа сите изведувачи за време на некој настан беа напикани во еден “џеб” од самата сцена, во кој имаше столчиња ставени до радијаторите за да можат да се згреат. Фучеше од сите страни. Универзална е стара лименка во која налето е пекол, а во зима е мразарник.

Салата е правена за повеќе намени, но секогаш имала проблем со акустиката. Најпрвин на целата купола однатре беа лепени картонски пакувања за јајца, кои изгледаа многу грдо, додека не ги заменија со сегашните превртени печурки.

Универзална остаре, се изветви, замириса, на Универзална и заврши животниот век во тој објект, тој е стар и демоде. Но за среќа таа може повторно да оживее.

Универзална треба и мора да добие ново руво и потоа повторно ќе ги собира дотераните и напарфимираните гости кои ќе се гордеат со новото здание“, напиша Дац.

Да, ја сакам Универзална сала, но сакам да биде нова!

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.07.2020 - 12:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега