ДУИ за Предлог-законот за правична застапеност: Манипулација и противуставност

 

Демократската унија за интеграција изразува сериозна загриженост поради усвојувањето на Предлог-законот за правична и соодветна застапеност од страна на Владата, закон кој суштински не нуди решение, туку манипулира, продлабочувајќи ги нееднаквостите во застапеноста и избегнувајќи ги уставните обврски.
 
Јавното дистанцирање на албанскиот член на работната група, проф. д-р Мерсим Максути, е најјасен аларм дека овој предлог-закон е неуспешен во својата основа. Во своето издвоено мислење, Максути го оцени предлог-законот како скандалозен, неприменлив и противуставен, осудувајќи го отсуството на квоти за помалку застапените заедници, слабите механизми за имплементација и потпирањето на политичка волја, наместо на законски обврски, велат од ДУИ.
 
„Законот не гарантира никакви квоти за застапеност на етничките заедници, релативизирајќи го колективното право на застапеност преку нејасни и исклучувачки критериуми како „професионалност“ и „компетентност“, исто како пред 2001 година.
 
Предложеното Координативно тело е фарса, немоќно, без јасно дефинирано политичко водство и без реални овластувања да бара одговорност од институциите што го прекршуваат законот.
 
Законот е изготвен врз интересите и идеите на Каракамишева, а не врз реалните потреби на дискриминираните граѓани. Тој е усвоен само за да се испрати до Венецијанската комисија, заобиколувајќи ја внатрешната јавна дебата.
 
Недостигот на санкции и правна одговорност го прави овој закон пропаганден документ, без обврзувачка сила и без реално влијание врз подобрување на застапеноста.
 
Референцата на одлуката на Уставниот суд е злоупотребена за да се оправда избегнувањето на квотите. Уставот на РСМ, преку Aмaндманот VI, јасно го гарантира правото на правична и соодветна застапеност како колективно право кое не може да се релативизира со слаб закон.
 
ДУИ смета дека јавното отфрлање на овој закон од страна на проф. Максути е јасен показател дека ова не е закон на сите граѓани на РСМ, туку централизирана алатка дизајнирана за да ја заштити дискриминаторната статус-кво состојба.
 
Ние остануваме верни на Охридскиот договор, на Уставот на државата и на темелното право на секој граѓанин за правична и соодветна застапеност во јавните институции. За нас, застапеноста не е политичка опција, туку уставна и морална обврска“, стои во соопштението од ДУИ.
26.06.2025 - 10:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега