Два проценти од богатството на Илон Маск ќе го реши гладот ​​во светот

Мала група на исклучително богати поединци може да помогне во справувањето со гладот ​​во светот само со мал дел од нивното богатство, вели директорот на Светската програма за храна на Обединетите нации.

„Милијардерите треба да дојдат на помош еднаш засекогаш“, изјави Дејвид Бисли, наведувајќи ги особено двајцата најбогати луѓе во светот, Џеф Безос и Илон Маск.

„Шест милијарди долари за помош на 42 милиони луѓе кои буквално ќе умрат ако не им помогнеме. Не е комплицирано“, додаде Бисли.

Извршниот директор на „Tесла“, Илон Маск, поседува богатство вредно 289 милијарди долари, според Блумберг, што значи дека Бисли бара донација од само два отсто од овој имот. Богатството на американските милијардери е речиси двојно зголемено од почетокот на пандемијата и сега изнесува 5,04 трилиони.

„Комбинацијата од неколку кризи, како што се климатските промени и пандемијата на Ковид-19, значи дека многу нации тропаат на вратата на гладот“, рече Бисли.

Половина од населението на Авганистан, 22,8 милиони луѓе, се соочува со акутна криза со глад. Огромната невработеност и неликвидноста значат дека земјата е на работ на хуманитарна криза и 3,2 милиони деца на возраст под пет години се загрозени, се заклучува во извештајот.

Серијата нови извештаи на администрацијата на Бајден минатата недела издаде строго предупредување – ефектите од климатските промени ќе бидат сеопфатни и ќе претставуваат проблем за секоја национална влада. Во тие извештаи, администрацијата наведува дека климатските промени ја поттикнуваат миграцијата, што е првпат владата на САД официјално да ја признае врската помеѓу климатските промени и миграцијата.

„На пример, да ги земеме САД и централноамериканскиот регион на сувиот коридор, па Гватемала, Хондурас, Ел Салвадор и Никарагва. Ние помагаме да се прехранат многу луѓе во таа област, а климата постојано се менува и носи урагани и поплави, тоа е страшно“, рече Бисли.

МАКФАКС

27.10.2021 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега