Двајца македонски лекари пријавиле дека нивните пациенти починале по примена вакцина

Се прави комплетна обработка за да се докаже дали несаканата реакција, нека е тоа и смртен случај е навистина поврзана со употребата на вакцините против Ковид-19. Двете пријави кои сме ги имале во април и во септември, а се од страна на лекари, се за 85-годишен и за 53-годишен, но се уште не е докажана поврзаност со употребата на вакцините, истакна раководителката на сектор во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Мерјем Хаџихамза на денешната онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот на МАЛМЕД, Љирим Шабани.

Таа појасни дека пријавите освен во Упсала мониторинг центарот, испратени се и во Институтот за јавно здравје, каде се прави таа натамошна обработка.

Шабани и Хаџихамза посочија дека станува збор за сомнежи и неофицијални податоци, и нагласија дека ефектите од вакцинацијата се далеку, далеку поголеми.

– Кога еден лек во случајов вакцина ќе се употреби, ако се пријави некое несакано дејство тоа не значи дека е последична реакција од примената на вакцината. Пријавите кои доаѓаат кај нив се сомнежи за несакана реакција. Постојат голем број параметри кои треба да се испитуваат, кој бил медициското досие на пациентот, претходно од што боледувал, какви лекарства примал. За еден од пациентите гледав дека имал многу коморбидитети и лично се сомневам дека има поврзаност со употребата на вакцината, но ова е нерелевантно затоа што тоа треба да го кажат луѓето кои за тоа имаат компетенции, истакна Хаџихамза.

В.д. Шабани рече дека сите можни лекови кои досега беа спомнати дека може да помогнат во одредени фази при третман на Ковид-19 беа во рекордно време одобрени и донесени во државата.

– Колку беа користени и колку дадоа ефекти тоа е за некоја пост ковид ситуација да се навратиме. За лекот „Монупиравир“ Министерството за здравство има некои активности, кажаа дека преговараат со производителот, ја следиме ситуацијата и во моментот кога ќе имаме конкретно барање од каде било веднаш ќе се вклучиме и сакаме тие лекови да ги има во државата. За тој лек моментално се чека одговор од Американската агенција за лекови, има и неколку други иницијативи од други производители, ние сме подготвени, рече Шабани.

На новинарско прашање колку решенија издала Агенцијата за уништување вакцини и за кои производители досега се издадени решенија, рече дека досега се издадени одобренија за уништување на вакцини од производителите „Фајзер“, „Астра Зенека“ и „Синофарм“ на неколку наврати.

Во врска со пријавување несакани реакции од вакцините Шабани рече дека за вакцините од лекари досега добиле 133 пријави, од фармацевти – 88, а од други здраствени работници – 10.

– Во неколку наврати имавме пријави и од граѓани. Сите тие се собираат, обработуваат во смисла на нивна категоризација. Како држава имаме склучено договор со Упсала мониторинг центар во Шведска, Центар за несакани ефекти на ниво на СЗО, каде се собираат од сите земји несаканите ефекти и се дават препораки и следење на лекот. Значи кај нас се собираат, ги споделуваме со Упсала и ги даваме за натамошна обработка до Институтот за јавно здравјеза да се испитуваат, истакна Шабани.

Досега, потенцира тој, пријавените несакани ефекти од сите вакцини се во рамки на предвидливите кои се наведени во нивното упатство, без оглед дали се работи за главоболка, гадење, вртоглавица, болка во екстремитети, рамо, на местото на апликација.

– Тоа се најчесто пријавени несакани ефекти. Исклучок од ова може да го спомнам случајот со миокардит од вакцината на „Фајзер“ која се утврди откако таа се пушти, која не беше предвидена од производителот, тоа се утврди од Европската агенција на лекови, тие направија соодветна варијација и ние дадовме варијација дека е можен несакан ефект очекуван во ретки случаи. Процентот на несаканите ефекти во однос на аплицираните вакцини е многу мал, додаде Шабани

06.12.2021 - 15:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега