Џафери на средба со делегација од германскиот Бундестаг

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со пратеници од германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ, Рената Алт, Хансјерг Милер, а беа придружувани од амбасадорот на Германија, Томас Герберих.

„Претседателот на почетокот на средбата им посака добредојде и изрази искрена благодарност на Бундестагот за ратификацијата на пристапниот протокол на нашата земја за членство во НАТО и ги информираше почитуваните пратеници дека досега 17 земји го ратификувале пристапниот протокол. Во продолжение беше потенцирана одличната соработка во многу области од политичкиот и општествен живот, како и тоа дека таа треба да се продлабочи и интензивира имајќи ги предвид аспирациите за членство во Европската Унија. Претседателот Џафери ја потенцираше парламентарната соработка со Бундестагот, особено во делот на надградување на капацитетите на собраниската служба, имајќи предвид дека во континуитет се реализираат студиски обуки на нашите службеници во Бундестагот, искуствата се повеќе од позитивни и конструктивни, според известувањето на учесниците“, соопштија од собраниската прес-служба.

Исто така, претседателот Џафери потенцирал дека членството во Европската Унија е наш врвен стратешки и национален приоритет.

„Тој укажа дека во насока на постигнување на нашите европски цели беа направени суштински реформи според плановите 3-6-9 и планот 18 на Владата, во делот на правосудството, борбата против организираниот криминал и корупција, особено во трансформацијата и целосната промена на начинот на функционирање на безбедносните служби, што е од суштинско значење за иднината на нашата земја и спречувањето на можните злоупотреби на системот во иднина“, се вели во соопштението.

Јосип Јуратовиќ, претседателот на Пратеничката група за соработка, искажал пофални зборови за реформите, напредокот и пред сè за компромисниот пристап и конечно решавање на проблемот со името. Пратеникот Јуратовиќ порача задржување на доброто темпо со напредување и реформи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.06.2019 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега