Џафери: Не можам да ги врзам пратениците да не прават инциденти

Инцидентот на Комисијата за европски прашања,  што му го припишаа на Арбер Адеми, го предизвикаа тие коишто отидоа до говорницата. Пораката е – да не се повтори. Ако секој си седи на своето место ќе нема инциденти, рече на брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери и порача јавноста да ја изгледа целата снимка за да има увид кој го испровоцирал претседателот на Комисијата за тој да фрла со филџани, тацни и шишиња по опозициските пратеници.

-Не оправдувам ништо. Не оправдувам таков чин. Тоа никако не е добро. Но, јас како претседател на Собранието немам надлежност да влијаам и да интервенирам. Претседателот на комисијата е надлежен за редот на комисиската седница, а обезбедувањето не може да интервенира додека не биде повикано. Треба да се гледа целата снимка и да се види дека Адеми бил испровоциран, дали со лична навреда, јас не знам и нема да оценувам. Не е во ред целата вина да падне врз Адеми. Kога се гледа целината, јасно е. Јас не можам да ги врзам пратениците или да ги апсам за да не излегуваат пред говорница – рече Џафери.

 Тој информира дека имал средба и со европратениците и ги известил за инцидентот, им дал и интегрална снимка од собраниската режија за да ја оценат ситуацијата.

– Никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата. Тој е поединец, не оправдувам, туку упатувам порака да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом тие се пратеници и имаат индвидуална одговорност, тоа се прописите, рече Џафери.

 

29.06.2022 - 12:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега