Џафери – Предан: Продолжува словенечката поддршка на Северна Македонија

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Словенија во Република Македонија, Милан Предан.

Амбасадорот Предан му упати честитки на претседателот Џафери од страна на претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Игор Зорчич, и во негово лично име, за повторниот избор за претседател на Собранието и за неговиот придонес во стабилизацијата на состојбите во државата во изминатите години.

Тој, како што соопштуват од осбраниската прес-служба, истакнал дека поддршката која Република Словенија во континуитет и ја дава на Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина. Посочил дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија од 1 јули следната година, Словенија планира да организира конференција ЕУ – Западен Балкан, на тој начин демонстрирајќи дека во фокусот на своите приоритети го става процесот на проширување и членството на земјите од регионот во Европската унија.

На средбата, Џафери ги констатирал одличните односи меѓу двете земји и интензитетот на посети, како уште еден доказ за взаемниот интерес за унапредување на билатералната соработка. Тој исто така се заблагодарил за поддршката на Република Словенија на нашиот евроатлански интеграциски процес во изминатите децении.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните активности на Собранието и случувањата во однос на почетокот на процесот на преговори со Европската унија, како и за можностите за унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Државниот збор на Република Словенија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.09.2020 - 14:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега