ДЗР: Учесниците во кампањата за избори да поднесат извештај за примените донации

 

Државниот завод за ревизија (ДЗР) преку соопштение до медиумите им укажува на сите учесници во кампањата за избор на членови во Советот на Општина Тетово и за градоначалник на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа дека се должни на 11-тиот ден од денот на изборната кампања (10 август, 24:00 часот), да поднесат извештај за примени донации на трансакциската сметка.

За таа цел, како што посочуваат, Државниот завод за ревизија на 10 август ќе обезбеди редовно работење на Архивата за прием на извештаите заклучно со 24:00 часот, а истовремено ќе овозможи и електронски прием на адресата dzr@dzr.gov.mk.

– Укажуваме дека извештајот со образец за примените донации на трансакциската сметка за финансирање на изборната кампања учесникот во изборната кампања е должен да го изготви на образец пропишан од министерот за финансии, односно согласно правилникот за образецот за извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања и извештај за примени донации на трансакциска сметка за финансирање на изборна кампања („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 80/2021 и 218/2021). Составен дел на овој правилник е упатството за начинот на пополнување на образецот на извештајот.  Политичките субјекти се должни овие извештаи да ги објават на своите веб страници, информираат од Државниот завод за ревизија.

Од Државниот завод за ревизија напоменуваат дека доколку не се постапи согласно дадените укажувања, имаат надлежност да достават предлог до Државната изборна комисија за донесување на одлука за забрана (суспензија) на исплатата на надоместокот на трошоците за финансирање на изборната кампања. Пропишана е и глоба од 9.000 евра во денарска противвредност која ќе се изрекува за прекршок на политичка партија, коалиција или независен кандидат ако не поднесат извештај за финансирање на изборната кампања во предвидениот рок.

05.08.2022 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега