Еден од комичарите пак му пишал на Заев - Тој му вратил „не се шегувајте со чесни луѓе"

Премиерот Зоран Заев по скандалот кој сеуште ја бранува јавноста за неговите разговори со руските пранкери кои му се претставиле како политичари, даде интервју за Клан.

Познат сум како човек кој ги реши проблемите со соседите, направивме една инклузија овде дома, рече премиерот Зоран Заев, во интервју за телевизијата Клан.

- „Граѓаните да бидат сигурни и спокојни, Северна Македонија станува членка на НАТО, нема менување граници, имаме траен мир. Зборувам дека сите треба да влеземе во Европа. Нашиот народ стои позади одлуката за членство во НАТО, ние политичарите сме должни тоа да го испорачаме. Сум докажал дека останувам со внимателен однос и кон Република Србија и Косово дека треба крајно решение за траен заеднички мир, рече Заев и додава дека се борил, се бори и ќе се бори и за Македонците и за Албанците и дека земјата од заробена станала блескав пример.

Околу скандалот со снимките, вели дека еден од руските пранкери му пишал порака откако тој имаше прес-конференција за тоа што „наседна“ на нивните шеги верувајќи дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Горко е чувството кај граѓаните затоа што нивниот премиер е вака насанкан, веројатно тоа е. Јас многу жалам заради тоа. И кај мене е горко чувството. Но, секако учиме да бидеме повнимателни и да не се повтори. Знаете дека вчера ми пишуваше истиот тој лажен човек, една порака дека храбро сум се борел против моите непријатели на вчерашната прес-конференција. Јас возвратив со порака, реков дека јас сум чесен човек, немојте да го правите тоа така какви и да се шегувате со чесни луѓе кои сакаат чесно да им служат на своите држави и својот народ. Некој можеби живее од тоа, јас знам дека тие луѓе заработуваат пари од тоа, на Јутуб пуштаат и тоа се наплаќа, мене ми е јасно, но истовремено и ние имаме чест и углед и не е коректно да си играме со честа и угледот на некој, рече Заев.

Вели останува на ставот од прес конференцијата, дека во објавените разговори не се изнесени државни тајни и дека се пренесени разговори кои премиерот Заев веќе јавно ги има застапувано и дека и понатаму ќе се слуша со претседатели, премиери и политичари.

Се осврна и на Законот за СЈО за кој власта и опозицијата никако не можат да се договорат и постојано се сопнуваат во преговорите.

– Се уште ни виси Законот за јавното обвинителство, со решение за СЈО. Ние мора да изнајдеме решенија за вакви прашања, не само заради Европската Унија. Таа ни даде одличен извештај и ќе добиеме одлука. На крајот, уште поважно е граѓаните очекуваат да донесеме Закон за јавните обвинители, за конечно во нашата земја да имаме закон со кој ќе придонесеме во реформите во правосудството, изјави Заев за телевизијата Клан Македонија.

Откри и каде ќе го помине летото.Вели сака да оди во Грција и да го убеди цело семејство да оди со него, бидејќи неговите деца се веќе големи па одат и сами.

 

 

 

За потсетување, деновиве Заев е мета на реакции откако се појавија снимки од руски комичари кои го измамиле претставувајќи се како политичари.

Вован (Владимир Кузенцов) и Лексус (Алексеј Столаров), објавија видео во кое од името на поранешниот украински претседател, Петро Порошенко, разговараат со македонскиот премиер.

Во разговорот, комичарите зборуваат дека украинските научници ја откриле генетската врска на Порошенко со Александар Македонски, па така, му вели лажниот Прошенко на Заев, „сега можам да се викам Петро Македонски“. Комичарите од името на Порошенко на Заев му нудат помош украинскиот претседател да посредува за МПЦ кај вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Заев со комичарите разговара за надворешната политика – преспанскиот договор, односите Србија-Косово, Украина, односите со Русија, ЕУ и НАТО.

Во еден разговор тие го вклучуваат и „генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.07.2019 - 08:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега