Ерменија и Азербејџан на работ на војна: Во најновите судири загинаа 32 војници

Борбите во Нагорно-Карабах траеја и во текот на ноќта, а продолжија и утринава. Властите на непризнаената република Нагорно-Карабах велат дека успеале да ги вратат позициите кои претходно ги изгубиле, а и двете страни тврдат дека им нанеле загуби на противниците.

„Во текот на ноќта продолжија интензивните борбени дејствија на јужниот, југоистичниот и северниот правец на линијата на фронтот. Единиците на војската на Карабах во текот на контранападот на противникот му нанесоа големи загуби“, стои во соопштението на владата на непризнаената република Карабах.

Првиот човек на Министерството за одбрана на Ерменија, Аркрун Ованисијан ги демантираше тврдењата на азербејџанската страна за големи загуби на страна на ерменските сили во Карабах.

Министертвото за одбрана на Карабах извести за 32 загинати, иако во медиумите се појавија информации дека има и стотина загинати на двете страни.

„Во текот на ноќта нашите сили остварија големи успеси. Ситуацијата не е мирна, борбите продолжуваат и на некои точки се водат артилериски дуели. Информациите на азербејџанската страна за загубите на нашата војска не одговараат на реалноста“, изјави Ованисијан.

Инаку, во спорниот регион помеѓу Ерменија и Азербејџан ескалираше ситуацијата во текот на вчерашниот ден, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за започнување на борбените дејствија.

Претседателот на Нагорно-Карабах, Араик Арутјунјан изјави дека азербејџанската војска за време на нападите ги користела авионите „Ф-16“ на турското воено воздухопловство кои веќе еден месец се наоѓале во Азербејџан каде учествувале на воени вежби.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.09.2020 - 09:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега