Ерупцијата на oстровот Ла Палма може да трае со месеци

Ерупцијата на вулканoт на островот Ла Палма на шпанските Канарски Острови и придружните појави може да траат до 84 дена, проценуваат експертите.

Вулканскиот институт на Канарските Острови објави дека проценката ја темели на должината на претходните ерупции на архипелагот, кои, како и најновите, беа придружени со силен проток на лава и продолжена сеизмичка активност.

Институтот објави дека синоќа е забележано значително зголемување на бројот на мали ерупции во кои камења и пепел биле фрлени високо во воздухот на островот Ла Палма.

Властите рекоа дека сè уште има опасности за локалното население, вклучувајќи земјотреси, лава, токсични гасови, вулкански пепел и кисели дождови.

Вулканот на шпанскиот остров Ла Палма во Атлантскиот Океан еруптираше во неделата по седум дена зголемена сеизмичка активност.

Од ерупцијата во неделата, силните текови на лавата проголтаа околу 185 згради. Според податоците на Институтот за вулканологија, лавата сега зафаќа 154 акри.

Реки лава се движат низ планините кон погусто населеното крајбрежје. Околу 1.000 луѓе вчера беа евакуирани од крајбрежната област Тодоке, со што вкупниот број на евакуирани лица од островот се искачи на 6.000.

Средбата со лава чија температура надминува 1.000 степени Целзиусови со вода може да предизвика експлозии и да произведе облаци од токсичен гас.

Брзата евакуација помогна да се спречат жртвите од ерупцијата, иако беше направена голема штета на куќите, инфраструктурата и земјоделското земјиште, велат официјалните лица.

Итните служби на островот доцна синоќа се обидоа да оттргнат дел од лавата од куќите, а официјалните лица велат дека не знаат дали ќе успее.

Макфакс

22.09.2021 - 14:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа