ЕУ ги очекува Вучиќ и Курти на преговори во Брисел до крајот на неделава

ЕУ интензивно работи на организирање состанок на претставници од Белград и Приштина во Брисел, на кој ќе се разговара за ситуацијата во северно Косово и враќањето на слободата на движење, а средбата може да се одржи до крајот на неделава, дознава агенцијата „Танјуг“ од извори во Брисел.

Дипломатските кругови во Брисел велат дека и натаму се водат преговори со Белград и Приштина во врска со доаѓањето делегации во Брисел, но не исклучуваат дека средбата би можела да се одржи кон крајот на оваа седмица, јави агенцијата.

Во исто време, пристигнувањето во Брисел на американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, беше потврдено за неделава, со една тема на дневен ред – ситуацијата во Косово.

Европската Унија постојано повторува дека дијалогот во Брисел е единствениот начин за решавање на актуелната криза во Косово, како и сите други отворени прашања, а шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, објави дека за ситуацијата на северот на Косово и слободното движење ќе се разговара во наредните денови во Брисел од страна на главните преговарачи на Белград и Приштина.

„Двата главни преговарача, кои доаѓаат во Брисел во наредните денови, се првиот позитивен чекор. Клучно е тие да дојдат со мандат да разговараат за понатамошниот пат и да најдат одржливи решенија што се во интерес на граѓаните“, посочи Борел во писмена изјава.

Се шпекулира дека состанокот во Брисел може да се случи по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, која ќе разговара со лидерите во Белград и Приштина на 29 септември.

Макфакс

27.09.2021 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега