Еве што се содржи Албанската платформа

Албанската платформа ги содржи следните точки:

  1. Постигнување целосна рамноправност во согласност со Охридскиот договор и Уставот

– Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде што Албанците се сметаат за државотворна нација, поддржување секаква правна и уставна иницијатива што ja засилува националната рамноправност за албанското население.

– Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”.

– Сеопфатна дебата за знамето, химната и за државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност.

– Усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912 година до 1956 година.

  1. Постигнување економска рамноправност и оп­штествена благосостојба, особено преку рамномерен регионален развој

– Создавање нов механизам, во форма на една државна комисија за финансирање на општините, за донесување одлуки со право за владини грантови во корист на општините.

– Создавање министерство за политички систем и за односи меѓу заедниците, како надлежен орган за почитување на правата на заедниците и за поттикнување на економскиот и на социјалниот развој во неразвиените подрачја.

– Остварување правична зас­тапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата.

– Остварување правична застапеност во сите нивоа на централната власт, како и во јавните служби или прет­пријатија со јавни акции.

  1. Засилување на владее­њето на правото, како предуслов за напредок на евроатлантскиот интегративен процес

– Спроведувањето на реформите во согласност со договорот во Скопје, Препораките на Прибе, итните препораки на Европската комисија, како и препораките од пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ.

– Поддршка за непристрасно вршење на работата на специјалниот обвинител, без етнички и политички предрасуди.

– Целосно расчистување на прашањата и на судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган.

  1. Создавање дух на доверба во функција на добри меѓуетнички односи како суштински елемент за политичка стабилност во земјата

– Преземање афирмативни мерки за обезбедување финансирање на албанските културни институции на централно и на локално ниво.

– Создавање една централна институција за унапредување на јазиците на заедниците, која ќе обезбеди подготовка на преведувачи, уредници и на предавачи.

  1. Решавање на спорот за името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право

– Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот за името.

– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.

  1. Добри односи со соседите

– Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Бугарија.

– Соработка со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување.

– Отворање на нови гранични премини.

  1. Брза интеграција во НАТО и во Европската унија

– Исполнувањето на наведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската унија

Имено со албанската платформа се врши директен атак на унитарноста на државата и се поткопува уставниот поредок. Тенденциите на СДСМ да ја прифати истата во целост и да ја изреализира се поттик на масовни собири на секаде низ Македонија кои секојдневно вадат по 100.000 луѓе на улица кои јасно порачуваат дека на Македонија не и требаат туѓи платформи, туку почитување на Уставот и зачувување на унитарноста на државата.

 

 

 

10.03.2017 - 17:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега