„Фајненшел тајмс“: Франција си игра со оган

 Земјите членки на ЕУ не успеаја да се договорат за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, изјави попладнево министерката за надворешни работи на Финска Тити Тупураинен, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

– Прашањето за отпочнување на преговорите ќе биде дискутирано од страна на лидерите на ЕУ на Самитот кон крајот на неделава, нагласи Тупураинен на прес-конференција во Луксембург по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

Еврокомесарот за проширување во заминување Јоханес Хан. Пак изјави дека „ова не беше најславниот момент на Европа“, додавајќи при тоа дека „значително мнозинство“ на членките на ЕУ ја поддржале препорака за отпочнување на преговорите со двете земји.

– Нема сомневање дека секое понатамошно одложување ќе наштети на нашата кредибилност на Западен Балкан и на нашите амбиции да станеме посилен глобален играч, додаде Хан.

Париз тврди дека Албанија и Северна Македонија треба да спроведат повеќе реформи пред да започнат разговорите. Исто така, се вели дека поширокиот процес на пристапување во ЕУ треба да се направи потежок и реверзибилен, објави Фајненшл тајмс.

„Французите си играат со оган“, рече еден дипломат на ЕУ од мнозинската група, кој поддржува започнување разговори за пристап со двете земји. „Ова може да ја загрози стабилноста на регионот. Тоа е многу сериозна работа“. Дипломати од ЕУ рекоа дека Париз застана во опозиција на Северна Македонија, која иницираше серија реформи што ги бара ЕУ, вклучително и промена на името, за да се стави крај на повеќедеценискиот спор со соседна Грција.

„Се надеваме дека на крајот Франција ќе ги почитува своите европски аспирации за лидерство и ќе се приклучи на консензусот на ЕУ за Северна Македонија“, рече еден официјален претставник од друга земја членка.

Северна Македонија, која ги реши „невозможните“ разговори за своето име минатата година и „направи демократска пресврт дома“, чека 14 години да ги започне разговорите за ЕУ, рече министерот за надворешни работи на земјата, Никола Димитров, за „Фајненшел тајмс“. Одлуките за преговорите беа одложени минатата година и повторно ова лето заради неединството на ЕУ. „Она што е во прашање е политиката на проширување на ЕУ и европската перспектива за самиот Балкан“, рече тој.

Дебатата околу Албанија е поинаква, затоа што и други земји освен Франција – вклучително и Холандија и Данска – се скептични поради стравувањата за домашната политичка нестабилност, организираниот криминал и застојот на некои реформи. Албанија презеде болна постапка за проверка на судиите, со надеж дека ќе се приближи кон членството во ЕУ.

Албанскиот министер за надворешни работи Гент Цакај предупреди дека блокирањето на преговорите ќе ја намали улогата на ЕУ во целиот регион и „ризикува да ги поткопа реформските сили во регионот“. Негативната одлука би ги „охрабрила третите актери кои долго чекаат на крилја“, предупреди тој.

Франција, која историски е скептична во врска со проширувањето на ЕУ во целина, тврди дека процесот на пристапување треба да се преиспита пред прием на нови земји, тензија која Цакај ја нарече „лажна дилема“.

Париз не греши да ја доведува во прашање моменталната состојба на процесот на проширување, но треба да му даде зелено светло на Скопје, рече Гералд Кнаус, извршен директор на Европската иницијатива за стабилност, експертски центар со седиште во Берлин, насочен кон југоисточна Европа и проширување. Тој истакна дека според сопствената проценка на ЕУ, Северна Македонија е поподготвена за членство од Србија, која заедно со Црна Гора се смета за „предводник“ за пристапување.

„Тековниот процес на пристапување не функционира“, рече тој. Кнаус предложи балканска зона за слободна трговија, моделирана според претпристапното искуство на Австрија и Шведска. Тој тврди дека Париз треба да се согласи да започне разговори со Скопје и потоа да поддржи создавање на Југоисточна европска економска зона, што ќе ги насочи земјите кон заедничкиот пазар – без ветување за членство, пишува Фајненшел тајмс.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.10.2019 - 21:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега