Филипче: Будно се следи состојбата во Куманово, но рано е да се процени дали постои драматично зголемување на заболени

Во Куманово се работи интензивно, будно ја следиме состојбата. Земени се повеќе материјали во однос на претходните денови, но многу е рано да се каже дали е ова драматично зголемување на заболени од коронавирусот или не, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче појасни дека врз основа на денешните тестови ќе се процени во која насока ќе оди детекцијата на случајот во Куманово.

-Во Куманово многу интензивно се работеше, земени се материјали, има многу повеќе земено во однос на претходните денови, мислам дека е многу рано да се каже дали е ова драматично зголемување или не, но будно ќе ја следиме состојбата и во текот на следните денови, додаде тој.

Тој истакна оти е свесен за барањата од општина Куманово за воведување дополнителни мерки, меѓутоа додаде дека барањата стигнуваат од повеќе општини, а одлуките се носат врз основа на проценката на епидемиолозите на поврзаноста на случаите детектирани до тој момент, или како што рече, врз основа на тоа каква е нивната релација во однос на кластерите и иницијалниот извор на болеста.

На прашање дали е потребно заострување на мерките за заштита од коронавирусот, министерот одговори дека според Комисијата, мерките се доволни,  но будно ја следат состојбата по градовите и доколку се наметне потреба, ќе се воведат и нови мерки.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.03.2020 - 18:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега