Филипче: Целосно е реновиран третиот кат во Старата градска болница, интензивно работиме на проектот за нова градска болница

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде целосно е реновиран третиот кат на установата, обновена е фасада, а набавени се и санитетски возила и нова медицинска опрема.

– Завршен е уште еден дел од реконструкцијата на установата, благодарение на проектот на Министерството за здравство, но и бројни општествено одговорни компании. Третиот кат од болницата е целосно реновиран, опремен со нов под, прозорци, кревети, душеци, инсталација на лифт, а обновена е и старата фасада. Ова е зграда што потекнува од 20-тите години од минатиот век. Благодарение на ангажманот на директорот и целиот стручен колегиум, пациентите добиваат подобри услови за лекување, а вработените подобри услови за работа, истакна министерот Филипче и додаде дека истовремено интензивно се работи на проектот за нова градска болница, што би требало да биде лоцирана во населбата Аеродром.

Установата има и три нови санитетски возила, поради тоа што оваа болница има договор за третман на спортски повреди, заедно со фудбалската федерација, и тие се целосно опремени согласно најсовремени стандарди.

Директорот на Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Љубен Арсенков информира дека од почетокот на пандемијата болницата била одредена како установа во која ќе бидат третирани пациенти кои не се заболени од Ковид-19, а кои имаат потреба од хирушка услуга.

– За овие шест-седум месеци во Клиниката услуги добиле околу 65 илјади пациенти и изведени беа околу 1.200 хируршки интервенции. Тоа е се благодарение на пожртвуваноста, високопрофесионалниот однос и стручноста на медицинскиот персонал во Клиниката за хируршки болести, позната како стара Градска болница. Со задоволство можам да истакнам дека овој период се карактеризираше и со еден огромен одѕив на општествено одговорни компании и поединци, кои со свои донации, во висина од околу 400 илјади евра, придонесоа клиниката вака да изгледа. Се надеваме дека продолжувањето на реконструкцијата, предвидена од страна на Министерството за здравство во наредниот период ќе доведе до воспоставување уште повисоки стандарди за лекување на болните, а пациентите ќе бидат позадоволни од условите во установата, изјави директорот Арсенков. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.09.2020 - 13:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега