Филипче: За две и пол години зголемени платите на сите здравствени работници

Денеска, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче ја посети Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид.

Во оваа јавно-здравствена установа, согласно протоколите за спречување на ширење на коронавирусот, времено во функција е ставен новиот амбулантски дел, каде се третираат пациенти, како и посебен дел за пациенти со ковид-19.

На средбата со директорот и вработените, министерот Филипче се заблагодари на целиот медицински персонал за макотрпната работа и напорите кои ги вложуваат за спас на секој живот, особено сега, во справувањето со пандемијата предизвикана од корона вирусот.

„Во изминатите две и пол години значително ги зголемивме платите на сите здравствени работници. Согласно тоа, во просек, доктор специјалист во оваа установа во 2017 година примал 53.015 денари нето плата, а со сите покачувања, сега докторот специјалист во истата установа прима 80.291 денари нето плата. Платата на медицинска сестра со висока школа од  26,740 денари нето во 2017 година, во 2020 година е зголемена на 32.315 денари.“ – потенцираше Филипче.

Во Специјалната болница, во изминатиот период значително се подобрени и условите за пациентите и вработените, а во кругот на болницата е отворен и Центар за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција за лица со аутизам, АДХД и Аспергер синдром.

И покрај процесот на реконструкција во болницата се извршуваат сите предвидени активности по Планот за вид и обем на здравствени услуги во специјалистичко консултативна здравствена заштита и болничка здравствена заштита.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.07.2020 - 16:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега