Финска остава отворен само еден граничен премин со Русија

Финска ќе ги затвори сите премини освен еден на границата со Русија во обид да го запре приливот на баратели на азил во таа нордиска земја, објави денеска премиерот Петери Орпо.

Во ноември, повеќе од 600 луѓе без валидни патни документи на ЕУ влегоа во Финска преку Русија, поради што Хелсинки затвори неколку премини и ја обвини Москва за пренасочување на мигрантите. Кремљ ги негира овие обвинувања. Барателите на азил доаѓаат од различни земји, вклучувајќи ги Јемен, Авганистан, Мароко, Пакистан, Сомалија и Сирија, според миграциските власти.

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен претходно денеска изјави дека владата размислува да затвори некои од четирите преостанати премини на нејзината граница со Русија или дури и на целата граница доколку продолжи приливот на баратели на азил од соседната земја.

„Веќе презедовме мерки за затворање на граничните премини, а доколку е потребно, ќе затвориме уште“, рече Валтонен во интервјуто, додавајќи дека затворањето е една од опциите за кои во моментов разговара владата.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија секако ќе одговори доколку Финска ги затвори преостанатите гранични премини меѓу двете земји. Сепак, таа не кажа каков може да биде одговорот на Москва.

22.11.2023 - 21:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега