(ФОТО) Еден преживеан во авионската несреќа во Индија: Британецот седел на седиштето 11А

 

Авионот на „Ер Индија“, кој се урна во Ахмедабад кратко по полетувањето, превезуваше 242 патници, а еден патник преживеа, изјави началникот на полицијата, Г.С. Малик, пренесоа повеќе медиуми.

Станува збор за британски државјанин кој седел на седиштето 11A во авионот Боинг 787-8 Дримлајнер, објави Би-Би-Си.

За индиската новинска агенција АНИ, Малик изјавил дека преживеаниот „се наоѓа во болница и е на лекување“.

Претходно објавената листа на патници, која ја споделија властите, наведува дека станува збор за патникот Вишваш Кумар Рамеш.

Индиските медиуми наведуваат дека разговарале со Вишваш во болницата. Тој ја покажал својата карта за чекирање, на која се гледа неговото име и бројот на седиштето 11A.

– Триесет секунди по полетувањето се слушна силна бучава и потоа авионот се сруши. Сè се случи многу брзо. Кога станав, околу мене имаше тела. Бев преплашен. Станав и почнав да бегам. Имаше парчиња од авионот насекаде околу мене. Некој ме фати, ме стави во возило на брза помош и ме однесе во болница – рекол Рамеш, пренесе Скај њуз.

12.06.2025 - 17:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега