ФОТО: Скопјани почнаа да складираат храна поради коронавирусот

Во земјава вчера беше потврден првиот случај на коронавирус. Според надлежните, простор и причина за паника нема. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат сите неопходни мерки согласно меѓународните протоколи. Граѓаните треба да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство, да се однесуваат одговорно и да не шират дефетизам, посебно не на социјалните мрежи.

Пациентката кај која е утврден корона вирусот е скопјанка, родена во 1970 година. Одреден период престојувала во Италија, а допатувала вчера утрото во три часот преку граничниот премин Табановце, превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица. Поради симптомите кои ги чувствувала, семејството веднаш ја донело на Клиниката за инфектологија. Моментно е хоспитализирана таму, на Одделот за интензивна нега и изолација. Како што соопшти синоќа министерот за здравство Венко Филипче, пациентката е во добра општа состојба, зафатено и е само едното белодробно крило и нема потреба за механичка вентилација.

Во меѓувреме, идентификувани се и лицата кои биле со заболената скопјанка во комбето. Вкупно се девет, осум патници и еден возач. Тие се веднаш ставени во домашна изолација, а денеска ќе се знае дали изолацијата ќе продолжи во домашни услови или лицата ќе бидат префрлени во претходно одредените инфективни одделенија за надзор.

Поради стравот од заразата граѓаните почнаа да складираат храна во домовите и да ги празнат полиците во маркетите.

Најчесто купувани производи се брашно, конзервирана храна, како и антибактериски марамици и сапуни.

Премиерот Оливер Спасовски, министерот Филипче и докторот Жарко Караџовски пак, нагласија дека граѓаните треба да си продолжат со нормален тек на животот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.02.2020 - 10:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега