Георгиески: Досега покажав што значи љубовта за Охрид и дека моите намери се искрени и чесни

Константин Георгиески, кандидатот на Коалицијата предводена од СДСМ и се уште актуелен градоначалник на Охрид, на својот фејсбук профил се огласи во врска вчера одржаните Локални избори, притоа најавувајќи дека нема намера да се откаже од борбата за втор мандат.

– Досега покажав што значи љубовта за Охрид и дека моите намери се искрени и чесни. Јас сум човек што никогаш не се откажува и затоа продолжувам заедно со вас уште посилно, уште похрабро, уште попосветено да работам за интересите и иднината на нашиот град, пишува тој.

Георгиески им заблагодари на граѓаните за поддршката што му ја даваат, нагласувајќи дека таа е негов мотив и сила да продолжи, како што пишува, „во уште една важна битка“.

– Охрид мора да продолжи да оди напред, во Охрид мора да победат искрените намери, вистинските проекти и мерките кои носат подобар живот за сите. Верувам во вас мои сограѓани и во вашата вистинска одлука со која нема да дозволите Охрид да се врати назад во рацете на режимски политичари без визија и концепт, пишува Георгиески.

Тој довербата од граѓаните ќе ја бара во вториот круг од Локалните избори за две седмици, каде оди со околу две илјади гласа помалку од противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

18.10.2021 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега