Георгиески: Уредување на плажите во автентичен охридски стил со природни материјали

Кандидатот за градоначалник од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески во вчерашното гостување на дебатната емисија „24 Анализа“ на „Телевизија 24“ уште еднаш пред јавноста ја изложи својата визија за развој на охридските плажи, што не е само најава, туку проект, чија реализација е во тек. На прашањето за уредувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро, истакна дека Општина Охрид веќе има распишано јавен повик за уредување на плажите согласно Планот за управување со светско природно и културно наследство и дека за сите содржини и времени објекти кои се предвидуваат на плажите ќе бидат користени само природни материјали.

,,Предвидено е тие да се од дрвен материјал и друг природен материјал кој ќе се вклопи и нема да го наруши еко системот. Општината има намера сама да ги уреди соодветните локации, а не да го издава земјиштето на јавно наддавање, за да се избегне проблемот кој се јави поради изградба на недозволени објекти“- рече Георгиески.

На прашањето околу опасноста да се изгуби статусот на Охрид на град заштитен од УНЕСКО, Георгиески поитенцираше дека Локалната самоуправа целосно ги следи и спроведува препораките на УНЕСКО и презема мерки за анулирање на забелешките на Комисијата. За таа цел направен е регистар за бесправни градби, а и веќе се постапува по основ на истите, со посебен акцент на крајбрежјето и на Националниот парк Галичица. Како резултат на тоа на сесијата која се одржа минатото лето, Охрид остана на листата на заштитени од УНЕСКО и доби дополнителен рок за постапување. 

На прашањето - каков туризам треба да се развива во Охрид и во која насока да се движи, Георгиески рече дека се чека донесувањето на Стратегијата за развој на туризмот која веќе е изготвена од стручен кадар од ФТУ Охрид, а финансирана од општината. Тој истакна дека најдобро би било во Охрид паралелно да се развива елитен и масовен туризам, но на таргетирана група гости кои би доаѓале во одреден период од годината и би уживале во убавините на градот.

 

 

30.09.2021 - 14:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега