Георгиевска: До 800 денари ќе им се намалат сметките за струја на семејствата со ниски примања

Најавите на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски дека Градот немал пари за субвенции за разликата во топлинската енергија е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска по секоја цена работат спротивно на интересите на граѓаните, изјави на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Марија Георгиевска.

„Според проекциите, за оваа мерка за помош на скопјани, Град Скопје и општините во Градот треба да обезбедат еден милион евра. Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Градот немал пари за оваа намена. Истовремено, над 670.000 евра од градскиот буџет ќе се потрошат на вработувања на определено време на 109 луѓе, најголем дел од нив партиски активисти и членови на ВМРО-ДПМНЕ. Грaд Скопје и Арсовска не сакаат да одвојат еден милион евра за граѓаните да не добиваат повисоки сметки за парно, но затоа немаат проблем да потрошат 670.000 евра за вдомување на партиски кадри“, рече Героргиевска.

Како што додаде, несериозни и неодговорни се тврдењата дека Буџетот веќе бил донесен, секој Буџет па и оној на Град Скопје може да претрпи измени, односно да се направи ребаланс, особено во периоди на глобални кризи, како што е енергетската криза.

„Арсовска, Славевски и ВМРО-ДПМНЕ нека направат ребаланс, нека се откажат од вдомувањето партиски кадри во Град Скопје и ќе успеат да најдат еден милион евра за да се субвенционира покачувањето на топловдната енергија. Се друго е обид за оправдување и потценување на граѓаните. Недозволиво е градоначалничката на Скопје да покажува целосна негрижа за своите сограѓани, недозволиво е да бара оправдување за нејзината тотална неспособност. Таа има одговорност, мандат и надлежности да ги решава проблемите на граѓаните, а не да се крие зад разно разни изговори“, рече Георгиевска.

За да нема зголемување на цената на парното за крајните корисници, Владата ќе субвенционира 80 отсто од разликата на реалната и актуелната цена на топловодната енергија. Останатите 20 отсто предложи да ги покријат Градот Скопје и општините.

12.01.2022 - 12:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега