Георгиевски: Не можам да се начудам, како Бугарија да не цени што за Делчев веќе се зборува како за заеднички херој

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, во интервју за „360 степени“, зборуваше за актуелните случувања на релација Софија-Скопје и спорот околу Гоце Делчев.

„Да ги цитираме нашите највисоки претставници. Ако ги следите најновите изјави и на Пендаровски и на Заев, но и на претседателот на комисијата, нивната дефиниција веќе оди кон тоа дека Делчев е заеднички револуционер меѓу Македонија и Бугарија“, вели Георгиевски.

На забелешката дека се чини како Бугарија не сака задоволно да го прифати ова Георгиевски се согласува и вели дека тука чувствува проблем.

„Просто не можам да се начудам. Тука веќе мислам дека се работи за некои суети на луѓето кои се во комисијата од бугарска страна, кадешто тие гледаат една фактографија, меѓутоа не гледаат која е македонската приказна која овде егзистирала 70-80 години и колку е тешко на еден историчар, на еден политичар, притоа премиер, претседател на држава, да кажат дека Гоце Делчев е заеднички херој и на Македонија и на Бугарија. Мислам дека тие како да ја немаат правата информација која е нашата реторика по ова прашање, која е македонската приказна, како да не сакаат да разберат дека до пред 3 години никој во Македонија тоа не смееше да го каже. Јас во Бугарија важам како пријател, гледате и во меморандумот ме ставиле, меѓутоа јас никогаш кога сум бил премиер не сум кажал дека Гоце Делчев е заеднички јунак на Македонија и Бугарија, затоа што ќе ме растргнеле тогаш во македонската јавност. Сум кажал дека треба да го преиспитаме нашиот однос према Бугарија. Сум кажал дека Бугарите биле поголеми пријатели кон Македонија отколку што сакала да ни ја прикаже југокомунистичката историографија. Меѓутоа ваква изјава од типот дека Гоце Делчев е и македонски и бугарски херој јас немам кажано. Сметам дека и сон на бугарската политика долги години беше да добие таква изјава од македонска страна, и сега одеднаш кога ја имаат таа изјава имам чувство како да не сфаќаат што значи за еден македонски политичар да каже – чекајте, Гоце Делчев е заеднички јунак. Ако тие би прифатиле една ваква дефиниција, не сфаќаат колку ќе бидат растргнати македонските официјални политичари и историчари затоа што гледате дека и тука постојано се појавуваат разни групи, писма, петиции, дека се распродава Македонија, дека го продадовме и Гоце Делчев и сето тоа“, вели Георгиевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.10.2020 - 23:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа