Герасимовски: Бесплатни стоматолошки услуги за сите деца до 18 години и социјално загрозените семејства


Општина Центар е првенец во обезбедување бесплатни услуги за своите граѓани. Денеска, на одбележувањето на Светскиот ден на оралното здравје, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со претставници од Стоматолошкиот факултет ги промовираа новите бесплатни услуги за граѓаните. Станува збор за користење услуги од областа на болести на устата и пародонтот, орална хирургија, болести на забите и ендодонтот, стоматолошка протетика и услуги од областа на детска и превентивна стоматологија. Услугите ќе бидат достапни за сите деца до 18 годишна возраст и сите социјално загрозени семејства со потврда од МТСП кои се жители на територија на Општина Центар.

„Оралното здравје е исклучително важно за целокупното здравје на секој човек. За жал, како граѓани навикнати сме да ги посетуваме стоматолозите тогаш кога веќе имаме проблем или болка. Затоа со обезбедувањето бесплатни стоматолошки услуги ние имаме за цел да ги доближиме услугите до граѓаните со цел нивно почесто користење. Здравите навики се стекнуваат од мали нозе и за тоа денеска ни помогна професорката Елизабета Ѓоргиевска од Стоматолошкиот факултет со цел да ја развиеме свеста за важноста на оралното здравје“, истакна Герасимовски.

Заинтересираните лица за користење на услугите ќе може да закажат термин од понеделник до петок, од 08:00 до 14:00 часот, на телефонскиот број на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” - Скопје, Стоматолошки факултет-Скопје или на 071 223-320 по принципот прв дојден прв услужен. На веб страната на општината https://www.centar.gov.mk/?p=20359 може да се прочитаат и потребните документи за користење на бесплатните услуги.

Преку обезбедувањето на овие бесплатни услуги Општина Центар овозможува децата од предучилишна и училишна возраст, како и  граѓаните од социјално загрозени семејства и корисниците на пензија до добијат поголем обем на стоматолошки здравствени услуги што ќе бидат сеопфатни, квалитетни, превентивни и куративни услуги. Воедно, општината ја зголемува свесноста за потребата за грижа за оралното здравје и превенцијата на оралните заболувања кај индиректните корисници и др..

Општина Центар досега неколкупати ги прошири проектите кои обезбедуваат бесплатни стоматолошки услуги за граѓаните. Најпрво, тие опфаќаа ученици во социјален ризик, потоа деца од градинките кои доаѓаат од социјално загрозени семејства, а  минатата година проектот се прошири и на пензионерите, односно лицата со навршени 62 години. Од денеска оваа услуга ги опфаќа сите деца и ученици до 18 годишна возраст како и сите членови на социјално загрозените семејства на територија од Општина Центар. Во рамки на денешното обележување на Светскиот ден на оралното здравје учениците од центраските училишта цртаа цртежи кои ги прикажуваа како се оралната хигиена.
Општина Центар ќе продолжи да ги проширува проектите кои го унапредуваат здравјето на сите граѓани во општината.

 
 
19.03.2024 - 13:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега