Германските весници со насловна за Тито: Бил кул лидер и човек кој му го кажал „историското не“ на Сталин

Фасцинацијата од Тито и неговиот „социјализам со човечко лице“ постоела во Германија со децении. А пред три години словенечко-италијанскиот историчар Јоже Пирјевец напишал биографија за Јосип Броз и тоа на германски.

Така книгата „Тито-Die Biografie“ од 720 страници станала хит во Германија, па радио станицата Дојчфанк имала поголем прилог за неа.

Ди Велт дури една фотографија со Тито ја потпишале како „кул лидер на партизаните“, додека Тагесшпигел, Броз го споредува со првиот градоначалник на Западен Берлин, социјалистот Ернст Реутер, кој пред ненадејната смрт во 1953. година исто така паднал во немилост на Сталин заради прозападните ставови.

Ди Велт во својот прилог одговара на прашањето од насловот „Како тоа еден диктатор да биде толку омилен?“. Пирјевец 30 години го истражувал животот на Броз, а германските медиуми Тито го нарекуваат еден од најзначајните светски државници во 20 век.

Пирјевец го опишал Тито како „човек кој од разединета комунистичка партија во Кралството Југославија успеал да изгради партизанска војска која ги поразиле трупите на Хитлер и Мусолини“.

Го опишува како ослободувач на Југославија и основач на Движењето на неврзаните, истовремено и како човек кој на Сталин му го кажал „историското не“, но и како диктатор кој немилосрдно ги прогонувал своите противници.

Германската публика била фасцинирана од анегдотите кои ги имал Тито. На пример, по смртта на Сталин на неговата работна маса го нашле писмото на Тито: „Престани да ги испраќаш на мене сите тие атентатори. До сега фативме пет, еден со бомба, друг со оружје. Ако не престанеш со тоа ќе бидам присилен да ти испратам еден мој во Москва, а втор и не ќе има потреба да испраќам“, била пораката на Тито кон Сталин.

Пирјевец дури отворено остава можност дека Сталин претрпел мозочен удар по таа порака.

Се наведува дека и Хајнрих Химлер, шефот на програмата за истребување на Евреите на Хитлер, во еден момент почнал да му се воодушевува на Тито сметајќи го како „човек со силен карактер“.
Историчарот потсетува и на воведување на вербалниот деликт, самоуправен социјализам, отворање кон Западот, средбите со Вили Брант, Џон Кенеди, Ричард Никсон, британската Кралица Елизабета Втора која рекла: Ако тој е механичар, јас тогаш воопшто не сум британска кралица.

Се наведува дека Броз бил слаб на згодни жени, дека имал голем апетит за фини јадења и пијалоци. Пирјевец пишува и дека Никита Хрушчов рекол дека „Тито треба да се врати во источниот блок, за потоа да му се свитка вратот“, а минал низ низа замки и надмудрувања со Леонид Брежњев.

Наведува дека Нобеловата награда за мир не ја добил затоа што го минирале Советите и дека наследник немал бидејќи Едвард Кардељ, кој бил планиран за тоа, починал една година пред Тито.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

22.07.2019 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега