Гинеколозите од Битола и српската лекарка добија условни казни за царскиот рез

Основното јавно обвинителство од Битола пред поднесување на обвинителен предлог постигна спогодба со трите осомничени лица – двајца специјалисти гинеколози од Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола и странска државјанка која без соодветна лиценца за работа од лекарската комора во земјата, правела царски рез во Клиничката болница во Битола на 1.1.2021 година.

Осомничените го признаа извршувањето на кривичното дело што им се става на товар, па во постапка по предлог спогодби, прифатени од Судијата на претходна постапа при Основниот суд Битола, на првоосомничениот му е изречена казна затвор во траење од осум месеци, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело. На второосомничениот му е изречена казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година не стори ново кривично дело и на третоосомничената и е изречена парична казна во висина од сто дневни глоби при што вредноста на една глоба да се определи на 10 евра во денарска противвредност. ​

Според обвинителството тројцата се товарат за различни дела според Кривичниот законик.

Првоосомничениот сторил две кривични дела: „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 и „фалсификување службена исправа“ од член 361 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Второосомничениот сторил едно кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик, додека третоосомничената сторила едно кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ од член 206 од Кривичниот законик и „надрилекарство“ од член 209 од Кривичниот законик.

Случајот на гинеколозите од болницата во Битола беше откриен веднаш по новогодишните празници кога беше објавено дека српската лекарка која е и сопруга на еден од гинеколозите незаконски, без лиценца за работа, влегла во операционата сала и го направила царскиот рез.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.05.2021 - 11:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега