Ѓоковиќ и Надал по третпат ќе се соочат во финалето на Ролан Гарос

Во неверојатно возбудлив меч вечерва во Париз, најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ уште еднаш ја покажа својата ментална цврстина и по безмалку четири часа, успеа да го совлада жилавиот Грк Стефанос Циципас, скршувајќи го неговиот отпор во петтиот, решавачки сет.

Мечот, кој изобилуваше со одличен тенис и многу незаборавни потези и поени, започна одлично за Ѓоковиќ, кој поведе со 2:0 во сетови (6:3 и 6:2)) и изгледаше дека ќе има лесна задача против Циципас, кој делуваше како исплашен од важноста на мечот и од големиот противник.

Но, веќе во третиот сет, Гркот, кој се бореше за своето прво гренд слем финале, покажа зошто е во светскиот врв и го доби со 7:5. Слично се одвиваше и четвртиот сет, кој Циципас го освои со 6:4 и го израмни мечот – 2:2.

Сепак, искуството и умешноста на светскиот рекет број еден му донесоа брејк во четвртиот гем од одлучувачкиот сет – Ѓоковиќ поведе со 3:1, а младиот предизвикувач остана без освоен гем до крајот на сетот и мечот – 6:1.

Ѓоковиќ, кој досега има една титула на „Ролан Гарос“, ќе го игра своето петто финале на турнирот. „Џокерот“ Ноле годинава има скор 16-1 на гренд слем турнирите, а единствениот меч што го загуби е дисквалификацијата на УС Опен.

Таму Србинот ќе ги одмери силите со својот стар ривал, Рафаел Надал. Шпанецот е во феноменална форма во Париз, каде има неверојатни 31 победа во низа, а ова ќе биде негово четврто финале по ред на турнирот, кој го има освоено рекордни 12 пати.

Финалниот дуел во недела во 15 часот ги исполнува сите предуслови да биде уште една епска битка меѓу двете тениски легенди.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

09.10.2020 - 23:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега