Ѓорѓиевски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе води жестока битка со корупцијата и криминалот

Вакви појави, појави на корупција и криминал се нешто за што се говри долго време. Тука е и недовербата во судството за која говорат истражувањата на јавно мислење. Верувам дека со формирање на нова влада ќе се стави ред во оваа област или ќе има вистинско спроведување на законот, рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување на телевизија 24 говорејќи во контекст на денешниот случај во кој врховен судија е уапсен поради сомнение за примање поткуп.

Ѓорѓевски укажа дека ваквите случаи на корупција се јавна тајна подолго време.

„Бевме сведоци и за небулозни пресуди. Сметам дека во иднина со влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има жестока борба против корупцијата и криминалот“, кажа Ѓорѓиевски.

Говорејќи за Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, Ѓорѓиевски рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен.

„Преспанскиот го договараше и потпиша влада предводена од други партии, а ставот за односите со Бугарија на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, ние не прифаќаме промена на Устав под диктат од официјална Софија“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, терминот Македонија може да се користи и додаде дека е многу важно и Грција да го почитува Преспанскиот договор.

„Тоа што претседателката Силјановска Давкова го употреби името Македонија не е ништо спорно, таа го употреби името во својата држава и таа може да ја нарекува својата земја Македонија“, вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски додаде дека на Македнија и за граѓаните сега најважно е да се почитува правото и да има инвестиции.

„Само така можеме да одиме напред, а не со дебата дали некој е за Русија или за ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ беше прва партија која сакаше и се бореше за Македонија да биде независна од СФРЈ, а сега и за влез во Европската унија“, кажа Ѓорѓиевски.

20.05.2024 - 21:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега