Град Скопје наскоро ќе почне со имплементација на проектот – брз автобуски превоз

Град Скопје наскоро ќе почне со имплементација на капиталниот проект за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, поточно „автобуско метро“ или „трамвај на тркала“, соопштија денеска градските власти.

-Откако Собранието го усвои законот за задолжување, конечно се отвори патот Скопје да добие современ и добро организиран јавен превоз и да се придружи на друштвото од успешни градови со БРТ коридори, соопштија денеска од Град Скопје.

Како што информираат, во наредниот период треба да се потпише договорот меѓу Владата и ЕБРД, со што и формално ќе се создадат можностите да почнат постапките за набавка и имплементација на брзиот автобуски превоз.

-Екипи на Градот и ЈСП „Скопје“ и досега работеа на подготовка на техничката документација, а со потпишувањето на договорот се создаваат и формални можности да дојдат консултантите на ЕБРД кои треба да ја доработат техничката документација, со што би се распишале и постапките за набавка, кои ќе ги води банката. Заемот од ЕБРД ќе биде 70 милиони евра со рок на отплата од 15 години, посочуваат во соопштението.

Проектот за воведување брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје опфаќа две линии со коридори резервирани за брз автобуски превоз – Линија 1 (исток – запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) од 12.81 km и 21 автобуска станица, а планирана е и Линија 2 (север – југ од железничката станица на бул. БИХ до бул. Борис Трајковски) во должина од 10.4 km со 20 автобуски станици.

Двете линии се преклопуваат во Центар. БРТ овозможува намалување на времетраењето на превозот на патниците и намалување на загадувањето на воздухот.

Од Градот посочуваат дека со имплементацијата на првата фаза, трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче со должина од 12,81 километри во една насока, 21 автобуска постојка и 2 терминали, времето на патување од сегашните 70 минути ќе се намали за повеќе од 50 отсто, односно времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

-Посебната траса за брзи автобуси која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај двојно го намалува времето на патување, а фреквентноста на автобусите од 3-4 минути за време на шпицот оневозможува градски гужви. Сообраќајната предност на автобусите им овозможува движење без застој низ средишниот дел градските улици и булевари. Честотата, пристапноста, безбедноста, удобноста и брзината се показатели за квалитетни транспортни услуги кои ги охрабруваат граѓаните да го користат системот за јавен превоз наместо приватните возила. Исто така, имплементацијата на брзиот автобуски превоз значително ќе го подобри севкупниот јавен превоз во Скопје бидејќи ќе овозможи поголема покриеност низ градот преку пренасочување на сегашните автобуси на други автобуски линии, појаснуваат од Градот.

Според градските власти, зголемен број корисници на јавен превоз значи намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните бидејќи брзиот автобуски превоз со ефикасни горива доведува до намалување на емисиите на стакленички гасови, емисиите на честички и нивото на бучава.

-Значајно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, што претаставува верификација на еколошките политики кои што ги креира Градот и што после 40 години конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот, се наведува во соопштението на Градот Скопје.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.04.2021 - 12:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа