Градоначалникот на Нагасаки: Нуклеарното оружје е реална закана

 

Нуклеарното оружје е реална и присутна закана откако Русија ја нападна Украина, изјави денеска градоначалникот на Нагасаки на 77-годишнината од атомското бомбардирање што го опустоши јапонскиот град.

На 9 август 1945 година Нагасаки беше зафатен од пекол, во кој загинаа 74.000 луѓе, три дена по првиот нуклеарен напад на Хирошима во светот.

Двата напада од страна на Соединетите Американски Држави го забрзаа крајот на Втората светска војна и до ден-денес Јапонија останува единствената земја што беше цел на атомско оружје за време на војната.

Но, во вторникот градоначалникот на Нагасаки, Томихиса Тауе, алармира.

„Во јануари оваа година лидерите на САД, Русија, Обединетото Кралство, Франција и на Кина објавија заедничка изјава во која потврдија дека нуклеарна војна не може да се добие и дека никогаш не смее да се води“, рече тој.

„Но, веќе следниот месец Русија ја нападна Украина. Заканите со нуклеарно оружје го потресоа целиот свет. Употребата на нуклеарно оружје не е неоснован страв, туку вистинска и актуелна криза“, рече градоначалникот на Нагасаки.

Тој предупреди дека ова оружје може да се активира и како резултат на погрешно проценување, дефекти или терористички напади.

Преживеаните од Нагасаки, јапонските и странските официјални лица одржаа тивка молитва во 11.02 часот, точниот момент кога атомската бомба беше фрлена врз јапонскиот пристаништен град.

09.08.2022 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега