Граѓани денеска протестираа против извршителите

Тие обвинија дека незаконски се блокирани илјадници трансакциски сметки и ги повикаа институциите да реагираат.

– Извршителите ги чуваат старите сметки како старо вино и ги вадат од подруми со огромни камати за извршување. Ова е рамно на геноцид, изјави Ана Глигорова од иницијативата „Стоп за извршителите“.

Таа додаде дека иако има нов трошковник кој важи од 2019 година, извршителите вадат стари сметки од пред девет – десет години и за мали долгови бараат енормни суми.

Револтираните граѓани најавија нови протести доколку не се исполнат нивните барања.

Од Министерството за правда попладнево информираа дека сите претставки доставени од граѓаните од денешниот протест ќе бидат разгледани и ќе биде постапено по нив.

Оттаму наведуваат дека во текот на 2018 и 2019 година се извршени 99 надзори, а од страна на министерката за правда поднесени се 26 предлози за поведување на дициплинска постапка до Дисциплинската комисија при Комората на извршители.

– Од страна на претседателот на Комората на извршители како овластен предлагач за поведување на дисциплинска постапка во текот на 2018 и 2019 година, биле поднесени 3 предлози за поведување на дисциплинска постапка, додека претседателот на основниот суд како овластен предлагач на дисциплинска постапка нема поднесено ниту еден предлог. По поднесените предлози, Дисциплинската комисија на Комората на извршители во 2018 и 2019 година, изрече осум дисциплински мерки парична казна, една дисциплинска мерка со која се изрекува писмена опомена, една дисциплинска мерка со која се изрекува јавна опомена, две дисциплински мерки со кои се изрекува трајно оддземање на правото на вршење на должноста извршител и една дисциплинска мерка со која се изрекува привремено одземање на правото на вршење на должноста извршител во траење од шест месеци. При изрекувањето на дисциплинските мерки трајно и привремено одземање на правото на вршење на должноста извршител, Дисциплинската комисија донела и две решенија со кои е изречена привремена забрана за вршење на должноста – суспензија, велат од ресорното Министерство.

Само годинава се извршени 64 надзори од кои 24 биле вонредни по преставка од трети лица. Притоа, доставени се осум предлози за поведување на дициплинска постапка.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.11.2019 - 16:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега