Грчките барови, кина и театри и сите други затворени места ќе примаат само вакцинирани лица

Грција ќе воведе задолжителна вакцинација против Ковид-19 за здравствените работници и персоналот во домовите за стари лица, објави денеска премиерот Киријакос Мицотакис.

Вакцинацијата ќе биде задолжителна од 1 септември за здравствените работници, рече Мицотакис во говор емитуван на телевизија.

Персоналот во домовите за стари лица треба да се вакцинира најдоцна до 16 август, а кој нема да се вакцинира, ќе биде привремено суспендиран од работа, предупреди тој.

Владата донесе одлука да охрабри повеќе луѓе да се вакцинираат, бидејќи делта-сојот брзо се шири.

Од вторник, вакцинацијата со „фајзер“ ќе биде достапна и за лицата на возраст од 15 до 17 години.

Три четвртини од Грците над 60 години сега се вакцинирани, рече премиерот.

Во Грција, 4,3 милиони од 10,7 милиони жители се целосно вакцинирани.

„Земјата нема да се затвори поради ставовите на некои“, рече Мицотакис осврнувајќи се на оние што бараат затворање на земјата бидејќи пандемијата повторно се разгорува.

Според најавите, од петок, 16 јули, до крајот на август, места за забава, барови, кина и театри и сите други затворени места ќе примаат само вакцинирани лица.

„Денес можеме да го затвориме последното поглавје на санитарната криза, само доколку секој има вакцина за слобода“, рече премиерот.

Грција денеска регистрира 2.107 нови случаи на коронавирус, во споредба со 800 пред само една недела. Во таа земја 12.000 луѓе починаа од вирусот, а само десетмина денеска.

Макфакс

13.07.2021 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа