Грчките медиуми за изјавата на Мицкоски: Нова провокација од Северна Македонија

Денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предизвика реакции во грчките медиуми, кои коментираат дека станува збор за „нова провокација од Северна Македонија“, дека идниот премиер „ја следи линијата на претседателката Сиљановска“, а веста вечерва е една од главните теми во онлајн изданијата на медиумите, јави дописничката на МИА од Атина.

„Северна Македонија: Провокативен претседателот на ВМРО – Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, ако не ви се допаѓа да одите во Хаг“; „По Сиљановска, провоцира и Мицкоски: Ќе ја нарекувам мојата земја Македонија, ако сакате, одиме во Хаг“; „Христијан Мицкоски: Мое право е да ја нарекувам мојата држава Македонија – провокативни изјави на лидерот на ВМРО“; „Северна Македонија: Ќе ја нарекувам мојата земја како што сакам, вели претседателот на ВМРО“; „Северна Македонија: нова провокација од премиерот: Ќе ја нарекувам мојата земја, како сакам“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои во главно го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА. 

Во текстот под наслов „Северна Македонија: И лидерот на ВМРО инсистира на терминот „Македонија“; АНА-МПА ја пренесува изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа нека се обрати до Меѓународниот суд“.

-Исто така рече дека во комуникацијата во институциите и меѓу институциите на неговата земја ќе се користи уставното име, но во изјавите пред новинарите или во говорите негово индивидуално право е да ги користи термините „Македонија и македонско“ и поттикнува истото да го стори и претседателката на државата, пишува грчката новинска агенција, која паралелно го цитира Мицкоски во делот во кој вели дека и тие исто како и Нова демократија не го сакаат Договорот.

16.05.2024 - 21:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега