Грција ги олабавува мерките воведени за угостителските објекти

Музиката се враќа во угостителските објекти и се укинува ограниченото работно време до полноќ, но и понатаму ќе биде забрането стоење, соопшти попладнево министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.


Плеврис објасни дека олабавувањето на мерките доаѓа по препораката од надлежната комисија на епидемиолози која денеска одржа состанок, но и со оглед на тоа дека во изминатите седмици има намалување на бројот на новозаразени, иако здравствениот систем и понатаму е под притисок, но „постои рамнотежа помеѓу примањата и отпуштањата на пациенти”.

На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортски натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор работат од дома.

-Во однос на забавата и угостителството, музиката се враќа и се ослободува работното време. Но, останува забавувањето со седење. Во однос на спортските објекти и стадионите, мерката останува непроменета. Но, следната седмица ќе се разгледа зголемувањето на исполнетоста на стадионите и на другите спортски активности, рече Плеврис.

Мерките во текот на јануари се продолжуваа секоја седмица, а последната министерска одлука е во сила до 30 јануари.

Министерот за здравство на Грција, соопшти и дека се продолжува за една седмица рокот за вакцинирање со бустер доза за оние кои се вакцинирале пред седум месеци, за да продолжи да им важи сертификатот за вакцинација, па така наместо до 31 јануари, валидноста ќе биде до 7 февруари.

-Ова значи дека оние наши сограѓани кои ја завршиле вакцинацијата и поминале седум месеци, до 7 февруари, ќе треба да ја имаат примено бустер дозата, бидејќи во спротивно ќе се сметаат за невакцинирани, рече Плеврис.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 19.712 случаи на Ковид-19, од 235.938 тестови, починаа 112 лица, а 633 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.867.935 случаи на Ковид-19, а починаа 23.083 лица.

 

27.01.2022 - 19:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега