Грција ги ублажува мерките: Детално упатство за летување на островите - условите важат за сите постари од 5 години

Грција полека се движи кон целосно излегување од рестриктивните мерки, па владата од денеска ублажи и укина некои мерки кои важеа во текот на локдаунот поради пандемијата Ковид 19.

Од денеска се укинува испраќањето СМС пораки, со кои граѓаните беа овцрзани да информираат каде одат, се отворат музеите, а почнува и со отворање на туризмот, пренесува Катимерини.

Граничниот премин меѓу Македонија и Грција од утрово е отворен за сообраќај, но за сега во Грција може да влезат само патници со грчки пасоши. Како што е наведено, грчката полиција се уште не добила официјално одобрение за влез на останатите патници. Исто така, грчката полиција не кажува кога ќе стигне тоа одобрение.

Можни се патувања меѓу региони, со помош на грчката верзија „зелен сертификат“, па така е одобрено и одењето на грчките острови.

За одење на островите, со исклучок на Лефкада, Евија и Саламина, задолжително е да се покаже потврда за вакцинација, 14 дена после втората доза или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, а се прифаќа и брз антиген тест кој не е постар од 24 часа. Важи и потврдата за прележан Ковид 19, која не може да биде постара од 2 до 9 месеци.

Контрола ќе вршат вработените во авиокомпаниите, бродовите, траектите, а условите мора да ги исполнуваат сите домашни и странски патници постари од 5 години.

Некои мерки останаа на сила, во малопродажните места смее да има еден купувач и да има простор околу себе 25 метри квадратни, а жива музика во рестораните нема да има до крајот на месецот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.05.2021 - 08:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега