Грција воведува доживотен затвop за yбиcтва, групни cилyвања, cилyвaње на мaлолeтници, велeпpeдавствo

Доживотен затвор, како единствена казна за грозоморни убиства, повисоки казни за силувања, подметнувања на пожари и кривични дела што се однесуваат на малолетници, се дел од промените во грчкиот Кривичен законик, презентирани од министерот за правда на Грција Костас Циарас.

Предлог законот предвидува построги казни за конкретни кривични дела, построги предуслови за условно пуштање од затвор на осудените, како и одново враќање и проширување на кривичното дело за подметнување пожар, експлозија, поплава, итн .

За убиства, групни силувања, силување на малолетници, велепредавство, смрт по силување и смрт по кражба, единствената казна е доживотен затвор, наместо како досега, кога имаше опција и 15 години затвор.

За сериозни телесни повреди, предизвикување трајна деформација и инвалидитет, максималната затворска казна може да биде до 15 години, наместо десет како што беше досега, а осудените потешко ќе излегуваат од затвор.

Паралелно се зголемуваат казните за сексуално насилство. Инцестот повторно е кривично дело и ќе се казнува со пет до десет години ако е од родители врз деца или баби и дедовци врз внуци, а предвидени се построги казни и за трговија со луѓе.

Во однос на животната средина, предвидена е доживотна затворска казна за подметнувачите на пожарите, во случај на смрт на макар и само едно лице во пожарот.

Подметнувањето пожар станува кривично дело со осум години казна затвор, а доколку биде предизвикана еколошка катастрофа казната може да достигне до 15 години. Предвидени се потешки казни и за несовесен риболов и риболов во грчките територијални води.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на Фејсбук коментира дека „Грција добива современ и ефикасен Кривичен законик“.

25.09.2021 - 11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа