Грковска: Дигиталната трансформација на општеството е многу важна за нашата држава

Славица Грковска – заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење денеска имаше работна средба со делегација на Американската стопанска комора (АмЧам) составена од Јелена Арсовска извршен директор, Андреј Петрески претседател на Комитетот за дигитална трансформација, Гоце Митевски и Димитар Јаневски членови на Комитетот, како и Јордан Димитровски, член на Одборот на директори на АмЧам, на која разговараа за продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на процесот на дигитална трансформација на општеството.

Вицепремиерката Грковска информирала за тековните проекти поврзани со дигиталната трансформација на општеството кои се спроведуваат во нашата држава, но и проектите што треба да се реализираат со цел да се обезбеди оптимизација на процесите и нивно дигитализирање.

Нагласила дека многу е важно да се направи и стандардизација на процесите, за да се овозможи ефикасен и координиран пристап кој ќе даде брзи резултати.

На средбата, како приоритети при процесот на дигитална трансформација биле истакнати сајбер безбедноста, стандардизација на процесите за дигиталната размена на документите меѓу институциите, закон за архивско работење со кој ќе се стандардизираат процесите за архивирање на дигиталните документи, а посебен акцент беше ставен и на ИКТ инженерите и изнаоѓање на соодветен модел кој ќе овозможи нивно задржување во системот.

Претставниците на Американската стопанска комора изразија подготвеност за соработка и оценија дека дигиталната трансформација на општеството е многу важна за нашата држава и затоа е потребно да се има структуриран пристап.

04.08.2022 - 18:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега