Гроси загрижен: Морам да ја посетам нуклеарната централа, треба да го проценам нивото на опасност

 

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси апелираше за пристап до украинската нуклеарна централа, која сега е под контрола на руските сили, со цел да се утврди дали таа претставува одредена опасност.

„Контактот со најголемата европска нуклеарна централа, која се наоѓа во Запорожје, а со која управуваат украински техничари, не е стабилен и не работи на дневна основа“, изјавил Гроси за швајцарскиот весник „Тагес-Анзајгер“.

„Не можеме да си дозволиме несоодветни комуникации на постројките во безбедносни критични области. Знаеме за обвинувањата дека во објектот се складира муниција и дека се вршат напади врз електраната“, кажал тој.

Како што пренесува „Гардијан“, Гроси истакнал дека доколку нема пристап, не може да го одреди нивото на опасност.

„Има контрадикторности меѓу извештаите од руската и од украинската страна. Добивам информации, ги наведувам во извештаите, но не можам да утврдам дали соодветствуваат со фактите“, изјавил тој.

Русија соопшти дека ѝ понудила на МААЕ да го посети објектот, но дека Украина одбива да соработува.

Гроси рекол дека засега не гледа оти конфликтните страни се подготвени да постигнат каков било конкретен договор.

Да потсетиме, Гроси вчера упати драматично предупредување во врска со најголемата европска централа Запорожје, наведувајќи дека нуклеарната централа е целосно надвор од контрола.

„Ситуацијата таму станува сè поопасна секој ден“, рече тој и ги повика Русија и Украина да дозволат експерти да го посетат комплексот за да се спречи нуклеарна несреќа.

„Нарушен е секој принцип на нуклеарна безбедност“, изјавил тој.

04.08.2022 - 10:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа