Груби: ВМРО-ДПМНЕ да гласа за промена на Уставот за да може да бидеме во коалиција по изборите

ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да гласа за промена на Уставот и тоа пред да се формира Владата ако сака да има шанса за коалиција со нас, вели Артан Груби во интервју за 360.

- Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени пред формирањето на влада, зошто да не. Ако се реформирала доволно, ако е европски ориентирана, ако докаже дека е подготвена да жртвува од својот т.н. рејтинг, за доброто на државата, како што направи СДСМ во минатото, тогаш – да, заслужува шанса. Но, ако остане на ставот дека ниту пред ниту потоа, ниту на следни избори нема да има уставни измени, тогаш што би барала ДУИ во една таква влада или во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија на ЕУ. Во ДУИ нема алтернатива. Нема алтернатива за ЕУ, НАТО и стратешкото пријателство со САД, истакна Груби. 

Додава дека во ДУИ се размислува по изборите да се бара прво да се изгласаат уставните измени, а потоа да се оди на формирање влада.

Евентуалното постизборно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со албанскиот опозициски блок, според Груби, ќе значи повторно изолирање на државата.

- Лошо сценарио е за државата, лошо сценарио е за граѓаните. Ќе влеземе во т.н бугарско сценарио со повторување на избори и изборни циклуси додека губиме европска перспектива. Оваа година е изборна година во речиси цел свет, а претежно во ЕУ и во САД. Не знам колку имаат време нашите граѓани да останат во статус кво и да не напредуваат, затоа што статус кво значи регрес, а не прогрес, рече Груби. 

 

20.02.2024 - 09:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега