Гутереш предупреди: Светот е на чекор од нуклеарно уништување

 

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска предупреди дека „човештвото е само едно недоразбирање и една погрешна проценка од нуклеарното уништување“.

Гутереш го изјави ова на отворањето на долго одложуваната конференција на високо ниво за ревидирање на историскиот 50-годишен договор за нуклеарно неширење (НПТ) со цел конечно да се постигне свет без нуклеарно оружје, пренесува АП.

Генералниот секретар на ОН посебно ги наведе војната во Украина и заканата од нуклеарно оружје во конфликтите на Блискиот Исток и Азија како ризици, два региони „кои се на работ на катастрофа“ и посочи дека средбата се одржува „на критичен момент за нашиот колективен мир и безбедност“, во време на нуклеарна опасност невидена од екот на Студената војна, пренесува Танјуг.

Според него, конференцијата е „можност да се усвојат мерки кои ќе помогнат да се избегне катастрофа и да се постави човештвото на нов пат без нуклеарно оружје“.

Гутереш рече дека речиси 13.000 нуклеарни оружја се наоѓаат во арсенали ширум светот и дека земјите кои бараат „лажна безбедност“ трошат стотици милијарди долари на „оружје на судниот ден“.

– Сето ова се случува во време кога растат ризиците од ширење, а механизмите за спречување на ескалација слабеат. „Кризи со нуклеарни призвук тлеат од Блискиот Исток и Корејскиот Полуостров до Украина“, рече Гутереш.

Тој ги повика учесниците на конференцијата итно да го зајакнат и реафирмираат 77-годишниот договор против употребата на нуклеарно оружје, да работат неуморно на елиминирање на нуклеарното оружје со нови заложби за намалување на арсеналот и да ја промовираат мирољубивата употреба на нуклеарната технологија.

– Идните генерации сметаат на вашата посветеност да не држите од работ на бездната. Ова е нашиот момент да се соочиме со овој фундаментален тест и еднаш засекогаш да ставиме крај на заканата од нуклеарно уништување – им порача Гутереш на учесниците на конференцијата,пренесуваат светските агенции.

01.08.2022 - 19:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега