Хаг поднесе обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи за воени злосторства

Специјалното обвинителство во Хаг за воените злосторства на УЧК поднесе обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи и претседателот на Демократската партија на Косово Кадри Весељи.

Како што јавуваат приштинските медиуми, обвиненија се поднесени и против други лица, а се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, присилно исчезнување лица, прогон и мачење.

Во обвинението се наведува дека Тачи, Весељи и другите осомничени од обвинението сносат кривична одговорност за речиси 100 убиства.

Жртвите од кривичните дела од обвинението се стотина лица чиј идентитет е познат и меѓу кои има косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници, соопшти Специјалниот суд во Хаг.

„Обвинението претставува исклучиво обвинување. Тоа е резултат на долготрајни истраги и го одразува уверувањето на обвинителството дека може да ги докаже надвор од разумен сомнеж сите обвинувања содржани во неа. Судијата за претходна постапка во моментов го истражува обвинението за да одлучи дали да го потврди“, се наведува во соопштение на Обвинителството.

Тачи и Весељи, како што се наведува, спровеле тајна кампања за да се укине законот за формирање на судот, како и дека на други начини ја опструирале работата на судот со цел тие да не бидат изведени пред лицето на правдата.

Со таквите постапки Тачи и Весељи покажале дека личните интереси им се поважни од жртвите на нивните злосторства, принципите на правната држава и целиот народ на Косово, се наведува во соопштението на Специјалното обвинителство во Хаг.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.06.2020 - 22:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега