Харадинај: Косово не смее да седне на маса на која ќе се дискутира за границите

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај ги поздравува заложбите за продолжување на дијалогот со Србија, но вели дека на сите треба јасно да им се даде до занаење дека Косово нема да учествува на маса на која ќе се дискутира за границите и за размена на територии, јави дописникот на МИА од Приштина.

Поранешниот премиер во интервју за агенцијата КосоваПрес изјави дека Косово мора, пред да седне на маса, јасно да ги дефинира сопствените позиции во однос на конечното решение за споровите со Србија.

– Косово не смее да седне на маса без јасно да даде до знаење дека нема да учествува во преговори во кои ќе се дискутира за територијата, за границите или за нашето уставно уредување. Да не одиме отворени за да се дискутира секоја тема. Косово го нема луксузот да дискутира за секоја тема – изјави Харадинај.

Тој не одговори на прашањето кој, според него, треба да биде главен преговарач, но вели дека надлежностите на шефот на владата и на претседателот на државата се јасно дефинирани со Уставот на Косово.

Според лидерот на ААК, во дијалогот со Србија битно е да се оди со принципи, а не цела расправа да се сведе на тоа кој ќе го води процесот.

– Уставот ги има предвид одговорностите на сите институции. Оние на претседателот, на премиерот, на сите. Од моја страна, како ААК, сакаме да го поддржиме Косово што посилно наспроти Србија за да се презентираат потребните аргументи со цел да се постигне договор во постоечките граници. Секому се дефинирани надлежностите. Поважно за нас е да се размислува за другите аспекти, за принципите на дијалогот – вели Харадинај.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.06.2020 - 15:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа