Хари и Меган го објаснија својот чекор: Немавме избор

Меган и јас тргнуваме во непознато, но навистина немавме избор, рече принцот Хари во првото обраќање во јавност по најавата за повлекување на двојката од службените должности во британското кралско семејство.

– Сакам јасно да порачам дека Меган и јас не заминуваме никаде – нагласи принцот синоќа во Лондон во говор на добротворна вечера во организација на Сентебале, организација за помош на децата од Јужна Африка кои се болни од СИДА, чиј коосновач е самиот тој.

– Обединетото Кралство е мој дом и место кое го сакам и тоа нема да се промени – додаде тој.

Двојката пред извесно време на Твитер објави дека „ќе се повлече од позициите на високи членови на кралското семејство и ќе настојуваат да бидат финансиски независни“.

– Можам да замислам што сѐ сте слушнале и можеби читале во изминатите недели. Затоа сакам да ја слушнете висината од мене, колку што можам да ја поделам со вас – не како принц или војвода, туку како Хари – рече тој.

– Секогаш ќе имам најдлабока почит кон баба ми, мојот врховен командант – истакна тој.

– Се надевавме дека и понатаму ќе можеме да и служиме на Кралицата, Комонвелтот и на моите воени здруженија, но без јавни пари. Тоа, за жал, е невозможно – рече Хари.

– Се помирив со тоа, знаејќи дека тоа нема да влијае на мене ниту како на личност, ниту на мојата посветеност. Кога јас и Меган се венчавме, бевме возбудени, полни со надеж и подготвени да служиме. Затоа многу ми е жал што заврши вака. Мојата одлука сопругата и јас да се повлечеме не беше лесна – додаде тој.

Хари рече дека на одлуката и претходеле месеци разговори и години предизвици.

– Знам дека не правев секогаш се како што треба, но во однос на ова, навистина немаше друг избор – заклучи принцот.

Според договорот постигнат со кралицата Елизабета и високи членови на кралското семејство, двојката повеќе нема службено да го претставуваат монархот. Од пролет повеќе нема да ги користат кралските титули и ќе се повлечат од должностите, вклучувајќи ги и воените. Ќе ги задржат приватните покровителства и членства во здруженија.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.01.2020 - 16:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега