И Заев и Мицкоски се убедени во апсолутна победа на локалните избори

И премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се убедени дека ќе победат на претстојните локални избори.

Мицкоски вели дека по локалните избори доаѓа крајот на Владата на СДСМ. Рече дека кандидатите за градоначалници на опозицијата 95 отсто се нови млади луѓе кои имаат што да понудат и да работат за граѓаните.

-Најголем дел од кандидатите на СДСМ се луѓе кои ќе претрпат сериозен пораз на следните локални избори. Со тоа ние како ВМРО-ДПМНЕ како опозиција комплетно ќе ја делигитимираме оваа неспособна Влада. Математичките калкулации да ги тргнеме на страна, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои поголем број градоначалници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои повеќе гласови и на советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде онаа политичка партија и Коалицијата што ја предводи којашто ќе биде победник на овие избори, рече Мицкоски, додавајќи дека по локалните избори неколку сценарија се во игра.

Заев, пак, вели дека градоначалниците на СДСМ сработеле повеќе од нивните претходници кои раководеле со општините во неколку мандати. Говорејќи за Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијсана и Алтернатива – рече дека тоа е „политички брак“ која по изборите ќе доживее развод.

-Сите знаат дека е неприродна и сите знаат дека е направена заради политички цели, односно, да се направат максимални обиди колку што може поизвесно да се направи исполнување на желбата да се биде власт. Ние ќе бидеме и на градоначалничките места во вкупен број, ќе победиме и во вкупен број на советничките места и во вкупен број на гласови во државата и ќе го победиме Град Скопје. И тоа го кажувам прво зашто сме Влада која им помогнала на општините и искрено верувам во општините, рече Заев.

20.09.2021 - 20:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега