Идната недела клучна за струјата за стопанството, домаќинствата сигурни до март

Идната недела треба да се знае од каде ќе се набавува електрична енергија за стопанството, додека за граѓаните и за малите компании кои се на регулираниот пазар, како што уверуваат надлежните, снабдувањето со електрична енергија е сигурно. Од Владата велат дека и грејната сезона ќе почне навреме.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера најави дека следната недела е клучна кога би требало да се знае од каде ќе се набавува струја за стопанството.

– Има позитивни сигнали. Наредната недела ќе имаме конкретни сознанија што е тоа што можеме да го понудиме на стопанството, изјави Битиќи по манифестацијата посветена на граѓанските организации и социјални претпријатија.

Се што е под берзанската цена, според Битиќи, може да се смета за евтина цена.

– Имаме ситуации кога цените одат до 1.000 евра по мегават и ако се понуди цена од 300 евра, тоа е навистина евтино зашто е помалку од една третина од цената на електричната енергија. Знам дека капацитетот на стопанството понекогаш не е толку подготвен да плати, но се обидуваме да им обезбедиме струја. Ова се времиња на преживување, предупреди вицепремиерот.

И министерот за економија Крешник Бектеши во петокот изјави дека се преговара со сите соседни држави за да се обезбеди поевтина електрична енергија за стопанството, но според него, очекувањата на бизнис секторот се максимални.

– Бараат директна субвенција од страна на државата од 20 милиони евра за првите десет потрошувачи во државата чија потрошувачка е околу 80 илјади мегавати по час. Ако ги земеме предвид денешните цени и колку бараат субвенција, само за овие десет компании, државата треба да одвои околу 20 милиони евра, изјави Бектеши во петокот за дневникот на телевизија „Сител“.

Ваквите барања на стопанството, според Бектеши, се нелогични затоа што токму тие 10 најголеми потрошувачи на електрична енергија имаат направено огромни профити минатите години.

И Бектеши уверува дека нема да се склучи договор за набавка на струја по берзански цени.

25.09.2022 - 10:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега