ИЈЗ: Намален е бројот на новозаразени во Македонија, а зголемен на смртни случаи

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 5 до 11 април 2021, тестирани се вкупно 27.329 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,5% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.867 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 13,4% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.857; 41,6%), со неделна инциденца – 462,6/100.000. Највисока неделна инциденца од 525,2/100.000 е регистрирана во ПЕ Кавадарци.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 16,2 до 29,6%, или во просек 24,3%, со зголемување за 5,0% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=2.106, 30,7%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=1.245; 18,1%), 40-49 (n=1.201; 17,5%), 30-39 (n=1.176; 17,1%) и 20-29 (n=711; 10,4%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=112; 1,6%) и 10-19 години (n=316; 4,6%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 6.112 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 25,7% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 276 смртни случаи од 29 градови, 6,2% повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 238 лицa биле над 60 години, 27 лица на возраст од 50-59 години, 8 лица од возрасната група од 40-49 години и 3 лица од 30-39 години.

На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против КОВИД19. Заклучно со 11.04.2021, вкупно се вакцинирани 7.011 здравствени работници со прва доза (4.015 – Pfizer/Biontech и 2.996 – Sputnik V) и 5.857 (3.817-Pfizer/Biontech и 2.040- Sputnik V ) со втора доза на вакцина против КОВИД19. Од 31.03.2021 започна вакцинација на населението за лицата над 77 години и заклучно со 11.04.2021 вакцинирани се 8.330 лица. Од 05.04.2021 се започна масовна вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде што покрај вакцинирани здравствени работници беа вакцинирани и лица од критичната популација, вкупно 12.093.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.04.2021 - 17:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега