„Икс“ укинува стотици профили поврзани со Хамас

 

Социјалната мрежа „Икс“ отстрани стотици профили поврзани со Хамас и презеде акција за отстранување или означување на десетици илјади содржини по нападите врз Израел, изјави извршната директорка Линда Јакарино.

Тоа е одговор на 24-часовниот ултиматум на европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, до Илон Маск да се справи со ширењето дезинформации на неговата платформа „Икс“ по нападот на Хамас со цел да се усогласат со новите правила на ЕУ за онлајн-содржините.

Бретон, кој рече дека има индикации дека „Икс“, порано „Твитер“, се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во Европската Унија, рече дека неговиот тим ќе го анализира одговорот на Јакарино и ќе одлучи за следните чекори.

Новиот закон за дигитални услуги (DSA) бара од главните интернет-платформи, вклучувајќи ги „Икс“ и „Фејсбук“, да направат повеќе за нелегалната содржина и да преземат мерки за отстранување на ризиците за јавната безбедност и граѓанскиот дискурс.

„Икс“ ги прераспредели ресурсите и ги рефокусира внатрешните тимови за да одговорат на ситуацијата што бргу се развива, рече Јакарино. Таа додаде дека компанијата собрала тим за да ја процени ситуацијата веднаш по нападот на Хамас.

„Икс“ одговорил на повеќе од 80 барања за отстранување содржини примени во ЕУ во дадениот рок и не добил никакво известување од Европол за нелегална содржина на платформата, се наведува во писмото.

12.10.2023 - 19:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега