Индија одбележува 75-годишнина од независноста

Индија денеска одбележува 75-годишнина од независноста. По тој повод премиерот Нарендра Моди одржа говор, нагласувајќи оти Индијците треба да се ослободат од колонијализмот од своите умови и навики.

– Стотици години колонијализам ги ограничија нашите чувства, ги искривија нашите мисли. Кога ќе видиме и најмала работа што се однесува на колонијализам во нас или околу нас, мораме да се ослободиме од неа, истакна Моди во 90-минутниот говор во индиската престолнина.

Тој зборуваше од историската Црвена тврдина, што беше украсена со портрети на борци за слобода, чувана од механички слонови.

Според него, земјата треба да ги уништи термитите на корупцијата и непотизмот, да го следи принципот „Индија на прво место“ и да обезбеди со говорот и со однесувањето „да не се направи ништо што го намалува достоинството на жената“.

– Индија што се потпира на себе е одговорност на секој граѓанин, на секоја влада, на секоја единица од општеството, додаде тој, носејќи турбан со боите на индиското знаме.

Индија, наречена и скапоцен камен во круната на Британската империја, независноста ја стекна во 1947 година по два века окупација и експлоатација.

Земјата беше поделена на два дела на Пакистан и на Индија. Тоа предизвика едно од најголемите раселувања на населението во историјата. Милиони луѓе се упатија кон Пакистан, доколку биле индиски муслимани, или тргнаа на пат за Индија, ако станувало збор за пакистански хиндуси.

15.08.2022 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега